Здравата, природна и урамнотежена исхрана е услов за добро здравје и виталност. Еве неколку видови храна кои ќе му бидат добредојдени на вашиот организам.
Зрнести плодови
Сите зрнести плодови, како јагоди, малини, капини, боровинки, се богати со хранливи влакна кои се многу важни за нормален и здрав дигестивен систем. Малините имаат најмногу хранливи влакна и се со анти-канцерогени својства, боровинките имаат дупло помалку влакна, но се богати со антоцијанини и антиоксиданси кои помагаат при подобрување на меморијата, а јагодите како овошки со најмало количество хранливи влакна од зрнестите плодови, се богати со витамин Ц, кој е добар за кожата. Тие исто така помагаат во намалувањето на телесната маса.
Јајца
Јајцето како извор на високо квалитетен протеин, може навистина да ви даде поголема моќ. Една неодамнешна студија покажала дека, луѓето кои за доручек јадат пржени јајца и тост, се чувствуваат позаситено и јадат помалку на ручек, отколку кога појадуваат ѓеврек (кој има отприлика сличен број на калории). Дури и кога внимавате на вашиот холестерол, едно јајце одлично би се вклопило во вашата дневна исхрана. Жолчката од јајцето содржи лутеин и зеаксантин – два антиоксиданси кои ги одржуваат очите здрави. Истражувањата исто така ги поврзуваат лутеинот и зеаксантинот како фактори за намалување на ризикот од макуларна дегенерација, причина поради која ослепуваат голем број лица постари од 50 години. Лутеинот е добар и за заштита на кожата од УВ зраците.
Јаткасти плодови
Јаткастите плодови се богати со незаситени масти кои се добри за срцето. Студиите на „
Seventh-Day Adventists“ (религиозна вероисповед која придава големо значење на здраво живеење и вегетаријанска исхрана) покажуваат дека луѓето кои редовно консумираат јаткасти плодови, си го продолжуваат животот за отприлика 2 и пол години. Оревите се најверојатно во центарот на вниманието, поради нивното високо ниво на алфа-линоленска киселина која е добра за здравјето на срцето и која го подобрува расположението.